Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар 1061, го изрази своето разочарување и незадоволство по одлуката на ЕХФ да го исфрли двократниот европски првак од Лигата на шампионите поради неплатени долгови.
„Премногу сум разочаран од одлуката на ЕХФ, бездушно нè исфрлија, а не знаат каква е ситуацијата во клубот. Казната дојде во моментот кога проблемите конечно почнаа да се решаваат, конечно се ближевме кон финансиска стабилност. Како и да е, јас сум тука, останувам. Сигурен сум дека и оваа ситуација ќе ја надминеме. Се надевам дека и Михајло ќе остане дел од клубот, го разбирам потполно, но сметам дека сега не му е време да замине. Лично присуствував на сите тие ветувања. Ја разбирам ситуацијата, војна и пандемија, не мора сè што рекоа да исполнат, но може барем со дел да помогнат“, истакна Стоилов.