Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов, и официјално е член на унгарскиот МОЛ Фехервар. Нашиот дефанзивец денес беше промовиран во новиот клуб, а дојде од редовите на Залаегерцег.
На промоцијата Серафимов истакна дека си ја оствари желбата да игра за еден од најголемите унгарски клубови.
„Откако играм во Унгарија, се уверив дека овој клуб е еден од најголемите во Унгарија, па затоа ми беше цел и да заиграм во овој дрес. Кога стигна понудата воопшто не се двоумев. Еднаш играв на „МОЛ арената“ и многу ми се допадна атмосферата, тоа ме привлече дополнително. Сега сакам да им помогнам на моите соиграчи, да редиме успеси и да ги оствариме амбициите да се пласираме во Лигата на Конференции“, истакна Серафимов на промоцијата.
МОЛ Фехервар на 21 јули ќе го одигра првиот дуел против Габала во второто квалификациско коло во Лигата на Конференции, дуел за кој Серафимов сигурно ќе биде регистриран за настап.