Некогашните соиграчи Тони Симиќ и Врбица Стефанов, „влегоа во војна“ поради синовите

Машката селекција на играчи до 18 години успешно ги реализира планираните активности поврзани со настап на Европското првенство од Дивизијата „А“, кое од 30 јули до 7 август ќе се игра во Измир, Турција. Селекторот Тони Симиќ ги одбра дванаесеттемина играчи кои ќе ги бранат националните бои, а меѓу нив го нема Рубин Стефанов, синот на легендарниот Врбица Стефанов. Селекторот Симиќ даде свое видување околу целата ситуација зошто талентираниот Рубин, кој беше дел од сениорската селекција, сега го нема во националниот тим до 18 години.

„Што се однесува до Рубин Стефанов, по настапот во А-репрезентацијата, заедно со Теодор Симиќ, се врати на подготовките на јуниорската селекција. Пред натпреварот против Швајцарија во Скопје се пожали на болки во зглобот и одлучивме да не му правиме притисок за да не се влоши состојбата. На турнирот во Гевгелија почна да демонстрира незадоволство поради минутажата. Јас се обидував да ги распределам минутите кај сите играчи со цел доволно да се воиграме, а во исто време да не дојде до премор кај нив. По турнирот зборувавме и Рубин ми рече дека сè е во ред.

Во Хрватска одигравме двомеч, Рубин играше на првиот натпревар и не се пожали на ништо. На вториот излезе од игра по пет минути, седна на клупата и се понесе крајно непрофесионално – ги одврза патиките и посочи дека не сака да игра. Поминав и преку тоа, му реков дека мора да се однесува како професионалец, треба да ги заврзе патиките и да се подготвува да игра, дека не сме дојдени на екскурзија. Ме послуша, седна на клупата, но побара да не игра до крајот.

По враќањето од Хрватска, јас немав никаква информација дека играчот нема да продолжи. Во четвртокот попладне ми се јави спортскиот директор дека родителот му кажал дека не гледа причина и потреба Рубин да продолжи да игра за репрезентацијата. Едноставно, го напушти тимот иако јас сметав на него и требаше да има значајна улога во оваа селекција. Очекував Рубин да дојде и да ми го каже тоа мене в лице, како што јас со него разговарав во Гевгелија.

Четвртокот и петокот ни беа слободни, а во саботата тој не се појави на тренинг и оттогаш не е во тимот. Јас не барам алиби, но пред патувањето за Измир, би требало да се знае каква е ситуацијата“, вели селекторот Симиќ во долгото објаснување дадено за сајтот на КФСМ.

Тони Симиќ и Врбица Стефанов своевремено беа соиграчи во дресот на МЗТ Скопје, а потоа и во дресот на Работнички. Нивните деца тргнаа по нивните стапки. Теодор Симиќ ќе биде дел од оваа млада селекција, Рубин е изоставен, а објаснувањето на селекторот покажува зошто направил таков потег.

Што се однесува за активностите што следуваат за оваа репрезентација на Македонија, Симиќ даде свој осврт:

„Имавме доволно време да се подготвиме, заедно сме повеќе од еден месец, одигравме осум пријателски натпревари, од кои победивме на седум. Тоа е одлично за самодовербата на кошаркарите, но главното не очекува од 30 јули до 7 август бидејќи тогаш се бројат резултатите. Федерацијата ни излезе во пресрет за сè што побарав како селектор, ги имавме сите потребни услови за работа и тренинзи и од тој аспект сме максимално задоволни.

Секој од играчите имаше доволно простор да покаже колку може и со кои квалитети располага и мислам дека овие 12 кои ќе патуваат на првенството се најдобрите во моментов. Ќе учествуваме во А-дивизијата, а таму се најквалитетните репрезентации во цела Европа во оваа конкуренција. Јасно е дека не одиме како фаворити на првенството, влеговме во А-дивизијата поради административни причини, но заслужуваме да играме тука поради сè што направивме во минатото.

Мислам дека оваа селекција има квалитет за да направиме добар резултат. Најважно е да обезбедиме опстанок во А-дивизијата и за идната година, следната генерација што доаѓа да може да игра против најдобрите во Европа. Ме радува тоа што атмосферата е фантастична, младите кошаркари дишат како еден, последните десетина дена постојано бевме заедно, прво во Гевгелија, потоа во Хрватска и сметам дека сме подготвени за следниот предизвик“, изјавува Симиќ за сајтот на КФСМ.

Репрезентацијата заминува за Турција претстојниот четврток, 28 јули.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ ЗА НАСТАП НА ЕП 2022

1. Лука Димитриевски
2. Алек Петкоски
3. Петар Башоски
4. Андреј Шошкиќ
5. Петар Бошалески
6. Василиј Србиноски
7. Павел Иванов
8. Марко Трипуноски
9. Тома Стојаноски
10. Виктор Стојковски
11. Метин Саити
12. Теодор Симиќ

 

- Оглас -

Најнови вести