Познато фудбалско лице се врати кај дебармаалци – Крсте Велкоски пак ќе игра за Работнички

Поранешниот македонски репрезентативец Крсте Велкоски повторно е во својот клуб Работнички, во кој ја почна професионалната кариера.

Велкоски потпиша едногодишен договор со дебармаалци и ќе биде големо засилување за тимот на Љупчо Марковски за претстојната сезона.

Крсте долг период играше за Сараево, од 2017 година досега, а беше им капитен на гигантот од БиХ и од таму пак се врати во Работнички.

Напаѓачот третпат во кариерата ќе го носи дресот со црвено-белите бои на Романтичарите од Скопје.

Беше дел и од шампионските времиња на клубот во периодот 2006 до 2008 година и потоа повторно во периодот од 2011 до 2013 година.

„Се чувствувам многу среќен затоа што се вратив дома. Тоа е секогаш посебно чувство. Емоциите кон Работнички секогаш се максимални, верувам дека ќе му помогнам на тимот да ги оствари целите во претстојната сезона“, вели Крсте Велкоски.

За Македонија одигра 15 натпревари, а беше и дел од генерацијата што лани за првпат играше на големо натпреварување, на Европското првенство што нашата репрезентација го играше со два меча во Букурешт и еден во Амстердам.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести