Германецот Ричард Рингер е нов европски првак во маратон на шампионатот на Стариот Континент што денеска почна во Минхен.
На најтешката трка во атлетиката долга 42 километри учествуваше и македонскиот рекордер Дарио Ивановски, но не успеа да ја мине целта и остана без пласман.
Рингер славеше во возбудлив финиш и за 33-годишниот германски маратонец ова е најголем успех во кариерата со неколку трети места на различни натпреварувања.
Победи со време од 2:10:21, што му е личен рекорд, а зад него само три секунди доцнеше сребрениот маратонец Мару Тефери од Израел.
Бронзата заврши на градите на Гашау Ајале, исто така од Израел, со заостаување од 9 секунди зад победникот.
Трката ја завршија 62-ца маратонци, а Дарио Ивановски е во групата од 17 учесници на најдолгата патека во атлетиката што не успеаја да ја заавршат трката во Минхен.
Пред машката трка, настапија и дамите, а нова европска шампионка е Александра Лисовска од Полска.
Сребрен медал и голем успех за Хрватска донесе Матеа Парлов Коштро, а на подиумот имаше место и за Холанѓанката Ниенке Бринкман.