Навивачите на Рајо со јак сеир: Барселона и Еспањол може да се радуваат само на жолтите картони на Столе, гол не можат да му дадат никако

Столе Димитриевски повторно е јунакот на Рајо Валјекано и тоа повторно на меч против екипа од Барселона, а успеа пак да не прими гол, вчеравечер на „Корнел Ел Прат“ против Еспањол.

Македонскиот репрезентативец ги излуде напаѓачите на Еспањол и против нив има три меча по ред без примен гол, откако претходниот викенд направи хет-трик без примен погодок против гигантот Барселона.

Шпанците се чудат како Македонецот успеа на четири гостувања по ред и на два меча во Мадрид против Барселона и Еспањол да ја сочува својата мрежа, или со НХЛ речник да забележи шут-аут.

Против Барселона лани се радуваше на две победи од по 1:0, на „Валјекас“ во Мадрид и на „Камп Ноу“ во Барселона.

На првиот меч му одбрани и пенал на Мемфис Депај, а сега на стартот од оваа сезона, пак на гостувањето на култниот стадион беше играч на мечот во ремито без голови.

Имињата на Жозелу, Меламед, Санчес, Дардер и останатите офанзивци на Еспањол не се толку атрактивни, но и тие не успеаја да го надмудрат извонредниот Македонец на голот на Рајо Валјекано.

Рајо лани двапати го победи Еспањол со по 1:0, на „Валјекас“ и на „Корнел Ел Прат“, а и вчера во домот на Еспањол гостите од Мадрид се радуваа на победа, од 2:0 и повторно Столе не прими гол.

Дел од навивачите на клубот од Мадрид се шегуваат со податокот дека Димитриевски на последните два меча, минатиот викенд во ремито 0:0 со Барса и вчера во победата од 2:0 против Еспањол добил жолти картони и велат дека тоа е максимумот на каталонските екипи.

„Најмногу што можат да му направат на Столе е да добие жолт картон, гол не прима никако против Барса и Еспањол“, се шегуваат, но и го слават својот херој, навивачите на Рајо Валјекано.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести