Потврда од Отвореното првенство на САД: Ѓоковиќ не може да игра во Њујорк според сегашните правила

Шансите на Новак Ѓоковиќ да настапи на претстојниот гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, станаа само теоретски и само некое чудо и промена на правилата за влез во САД во следните седум дена може да значи настап на Новак на последниот гренслем годинава.

Организаторите на Отвореното првенство на САД објавија дека на ниту еден тенисер нема да му бараат потврда за вакцинација, но потсетуваат на федералните правила во државата дека за влез во САД, никој не може да влезе ако не е вакциниран против корона-вирусот. Ѓоковиќ веројатно е единствениот тенисер од Топ 100 на светската ранг-листа кој не е вакциниран против ковид-19.

„Сите коишто имаат билети нема да мора да покажат доказ дека се вакцинирани за да бидат на трибините на Отвореното првенство на САД. Ако патувате од странство за да бидете на турнирот, мора да бидете вакцинирани со прифатлива серија вакцини против ковид за да влезете во САД. Ова се однесува на тие што не се граѓани на САД или имигранит“, соопштија организаторите на Отвореното првенство на САД.

Ова значи дека Ѓоковиќ може да се појави на Отвореното првенство на САД само ако американските власти ги сменат правилата во наредните шест-седум дена, но тоа е малку веројатно.

Ѓоковиќ лани беше финалист на Отвореното првенство на САД и ако не игра годинава, ќе загуби многу поени и ќе падне на АТП-листата, но поважно е што му се ускратува можноста да се бори за 22-ра гренслем-титула во кариерата, со што би го изедначил рекордот на Рафаел Надал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести