Манчестер сити поведе против Барселона во контролката на „Камп ноу“ со помош на несмасниот голман Ињаки Пења и неговата катастрофална реакција по една навидум тренинг-топка. Англискиот првак е во доста комбиниран и подмладен состав, па ова е убав подарок од кратката екскурзија во Шпанија.
Иако нафрлувањето во петерецот не делуваше како закана, голманот на Барса ја испушти топката од раце, па Алварес ни крив ни должен се најде на вистинско место и прелесно погоди за 1-0 во 21-вата минута.
Поминаа само осум минути за домаќините да дојдат до израмнување преку Обамејнаг. Ако ова е негов последен гол во дресот на Каталонците пред неговиот трансфер во Челзи, може да се каже дека популарниот Ауба се одјавува на одличен начин.
На Габонецот не му беше до радување бидејќи наскоро ќе се врати во Лондон, и покрај тоа што имаше намера да се бори за место во тимот на Чави.