Турската кошаркарска репрезентација се закани со напуштање на Евробаскетот откако синоќа во Тбилиси бил нападнат нивниот играч Фуркан Коркмаз.
Коркмаз имаше конфликт со домашниот кошаркар Дуда Санадзе, по што беа исклучени. Додека одел кон соблекувалната, Коркмаз бил нападнат во тунелот кој води кон соблекувалните, па Турците се заканија дека ќе го напуштат шампионатот ако не добијат снимки од инцидентот во тунелот и ако не бидат казнети луѓето од обезбедувањето и тројцата кошаркари кои го нападнале Коркмаз.
Претходно турскиот селектор се жалеше дека во Тбилиси нема публика и дека кога не игра Грузија, мечевите ги гледаат само по стотина гледачи, како да е ЕП за играчи до 16 години.
Освен тоа, Турците велат дека инцидентот помеѓу Коркмаз и Санадзе се случил на 4,48 до крајот на последната четвртина, а кога мешаницата на теренот се расчистила, семафорот покажувал 4,26 со крај, што значи дека од судиите на записничката маса биле „украдени“ 22 секунди.