Судиската комисија при Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) потврди дека во колото кое се играше изминатиов викенд, имало една очигледна судиска грешка, која се случи на дуелот Вараждин – Горица.
На овој меч за првпат во историјата на хрватското првенство имаше главен судија од странство. Судеше бугарскиот арбитер Радослав Гиџенов, а на клупата на Горица дебитираше некогашниот македонски селектор Игор Ангеловски.
Вараждин победи со 2:1, но Судиската комисија потврди дека имало голема судиска грешка, која може да е и клучна за крајниот исход на мечот. Само по пет минути игра, бугарскиот судија требало да покаже пенал за гостите, но тоа не се случило. Вина има и кај судиите во ВАР -собата кои не реагирале да ја исправат грешката.
„Во петтата минута неисправна проценка на судијата за интерпретација на Правило 14, казнен удар. Инцидентот во кој дефанзивецот на Вараждин во сопствениот шеснаесетник ‘со раце го влече противничкиот играч’ и треба да биде досуден пенал. Дефанзивецот континуирано недозволено го влече противникот во шеснаесетникот и тука требало да има задолжителна реакција од ВАР-собата затоа што е очигледен пропустот на главниот судија“, стои во објаснувањето на Судиската комисија.
Во петтата минута резултатот беше 0:0, па доколку беше досуден пенал за Горица, гостите ќе имаа шанса да поведат. Вараждин потоа со двата гола на македонскиот младински репрезентативец Агон Елези стигна до водство од 2:0, а Горица во второто полувреме даде само почесен погодок.
Во следното коло Горица на Ангеловски на свој терен ќе игра против Динамо Загреб.