Младите веруваат во подвиг против Грузија, Бабунски и Фазлагиќ најавуваат и голови и бодови за Македонија

Доријан Бабунски и Енис Фазлагиќ се меѓу најмладите македонски репрезентативци за дуелите со Грузија и Бугарија, последни во овој циклус од Лигата на нациите, и очекуваат добар настап и резултати за финиш на ова натпреварување.

Во ситуација кога откажаа искусните Стефан Ристовски и Аријан Адеми, а претходно и Ваљон Етеми, се очекува нашите репрезентативци да покажат дека Македонија игра добро во континуитет, без разлика на составот со кој ќе ѝ гостуваме на Грузија на 23 септеммври во Тбилиси и ќе играме дома, во Скопје, со Бугарија три дена подоцна.

„На претходните натпревари во Лигата на нациите покажавме високо ниво на игра. Ако продолжиме така, можеме да очекуваме добри резултати. Треба да бидеме само поефикасни. На првиот меч против Грузија имавме неколку пропуштени прилики и игравме добро еден час. Сега треба да го задржиме тоа ниво, но во сите 90 минути од мечот и да дадеме голови во почетната фаза од мечот. Неколку важни репрезентативци не се со нас поради повреди, но и без нив треба да покажеме дека Македонија знае да игра фудбал“, вели Доријан Бабунски.

И Фазлагиќ како и Доријан веќе има искуство со настапите за Македонија, неколкупати 22-годишниот фудбалер беше повикуван во нашата селекција, а веќе и дебитираше во дресот со националните бои.

„Секако дека одиме на првото место во групата и мислам дека е реално да одиме на две победи и да ги совладаме и Грузија и Бугарија. Грузијците одиграа квалитетно во Скопје и беа подобри, но ние сакаме да се реваншираме. Треба да бидеме поконкренти и да даваме гол, а нашата цел се знае, да освоиме вкупно шест бода на последните два меча“, рече Фазлагиќ.

- Оглас -

Најнови вести