Првиот домашен меч на МЗТ Скопје Аеродром сезонава во АБА-лигата ќе биде в понеделник, на 10 октомври, против белградскиот Партизан, но дуелот нема да се игра во првично закажаниот термин од 21 часот, туку во 16, кога многу луѓе уште се на работа и нема да може да бидат на трибините во „Јане Сандански“.
„КК МЗТ Скопје Аеродром сака да ја објасни ситуацијата со терминот на одигрување на дуелот против Партизан следниот понеделник, кој првично беше закажан за 21 часот, а потоа, изненадувачки и без никаква најава и причина, да биде променет за 16 часот, што е досега невиден преседан за АБА-лигата.
И самите бевме шокирани од информацијата што ја добивме од канцеларијата на АБА за промена на терминот, без конкретно и валидно објаснување, со префрлање на топката на телевизијата Арена спорт, која, пак, не излезе со официјален став за ситуацијата. Но, пропозициите на регионалното натпреварување се јасни, а тоа е дека лигата и Арена спорт го имаат ексклузивното право за одредување термини, додека домаќинот не се прашува ништо.
Го разбираме револтот на нашите навивачи и симпатизери што играме во ептен ран термин во работен ден и го делиме нивното разочарување, но сакаме да знаат дека нашиот клуб и покрај сите напори, притисоци, користење врски и конекции, стори сѐ за да се врати првобитно одреденото време, но не успеавме во тоа. Искрено се извинуваме, но постојат работи кои едноставно не сме доволно моќни да ги смениме, за разлика од некои други учесници во натпреварувањето.
Затоа сакаме да апелираме до сите на кои во вените им тече сино-бела крв, но и до тие што имаат симпатии кон МЗТ Скопје и го сакаат кошаркарскиот спорт, неправдата што ни е нанесена да ја сфатат како дополнителен мотив да сторат сѐ и да се најдат на трибините во салата „Јане Сандански“. Ова е идеална шанса да покажеме единство и во несекојдневна ситуација и да докажеме дека Аеродром е населба која и покрај сите проблеми и неправди, секогаш и во сѐ стои зад своите миленици во сино-бела опрема.
Се гледаме в понеделник на трибина!“, стои во соопштението на Штрковите од Аеродром.