Кошаркарите на Партизан сè уште ја чекаат првата победа во Евролигата, тие во првиот натпревар пред домашните навивачи загубија од Армани со 80:75. Ова беше трет пораз за „црно-белите“ во исто толку натпревари во елитното кошаркарско натпреварување.
Носени од френетичните навивачи, кошаркарите на Партизан фуриозно го започнаа натпреварот, по првата четвртина имаа предност од десет поени, а ја одржуваа до средината на третата четвртина, кога гостите полека почнаа да се прилагодуваат на атмосферата во „Штарк Арената“.
Армани успеа да направи пресврт користејќи ги грешките на играчите на Партизан кои во второто полувреме имаа 11 загубени топки и на крајот славеа со 75:80. Најдобар кај победничкиот тим беше Шевон Шилдс, кој постигна 25 поени, додека Зек Ледеј даде 23 поени за Партизан.
Барселона славеше на гостувањето кај Баерн со 84:73, а Алекс Абринес, Николас Лапровитола и Јан Весели го предводеа каталонскиот тим со по 14 постигнати поени. И Баерн како Партизан сè уште ја чека првата победа, додека Барселона има скор 2-1.
Кошаркарите на Макаби на домашен терен го победија Монако со 78:70. Макаби до победата го предводеше Вејд Болдвин со 21 поен, седум скока и пет асистенции, а го следеа Лоренцо Браун со 13 поени и седум асистенции и Роман Соркин со 10 поени и девет скока.