ПСЖ е немоќен за Меси, ама Аргентинците добија „корпа“ од Манчестер јунајтед и Тотенхем

Аргентинската фудбалска федерација испратила молби до сите клубови во кои настапуваат репрезентативци на оваа земја да бидат ослободени еден викенд пред прекинот на првенствата поради Мундијалот во Катар.

Тоа би значело да не ги играат последните мечеви пред паузата за Светското првенство што ќе почне на 21 ноември, а ќе заврши на 18 декември.

Засега се знае дека Манчестер јунајтед и Тотенхем одговориле негативно на барањето на Аргентинците, што значи дека пред 12, односно 13 ноември репрезентативците на Гаучосите што играат за овие две екипи нема да можат да тргнат за Катар.

Кристијан Ромеро ќе мора да биде во составот на Тотенхем на 12 ноември за дуелот со Лидс, а Лисандро Мартинес и Алехандро Гарначо да му бидат на располагање на Ерик тен Хаг за дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Фулам во Лондон следниот ден.

Во Англија играат уште неколку репрезентативци на Аргентина, но засега непознат е одговорот на нивните клубови на барањето да бидат предвреме ослободени од обврските.

Такви проблеми нема Лионел Меси и тој веќе му е на располагање на селекторот Скалони за шампионатот во Катар.

Најголемата ѕвезда на Аргентина има клаузула во договорот со Пари Сен Жермен со која се предвидува репрезентацијата да има приоритет и најави дека реваншот со Јувентус што се играше вчера ќе му биде последен меч на клупската сцена пред стартот на Мундијалот во Катар.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести