Цело време кукаме поради слабата реализација, но што правиме со одбраната? (Фото+Видео)

Македонската фудбалска репрезентација синоќа ремизира 1:1 во дуелот со Финска и веќе четири меча по ред е без победа. Доброто е тоа што ја прекинавме низата од три порази по ред, и тоа порази во кои не успеавме да постигнеме ниту еден гол. Против Финска погоди Енис Барди и тоа беше од пенал, што значи дека гол од создадена шанса од активна игра чекаме уште.

По мечот со Финска, повторно селекторот потенцираше дека реализацијата во нападот е проблем на кој треба да се работи затоа што од 13 упатени удари, од кои седум беа во рамките на голот на Финска, во мрежата заврши само шутот од пенал на Барди. Овие факти само потврдуваа дека мора ефикасноста да се подобри, но очигледно дека занемаруваме еден друг факт, а тоа е несигурната одбрана.

Во последните девет меча кои ги одигравме, Македонија успеа да не прими гол само на двата дуели против аматерите од Гибралтар. Во останатите седум средби капитулиравме дури 11 пати, а синоќешниот меч против Финска покажа дека дефанзивниот ред има многу несигурност.

Финска даде гол откако Оливер Антман успеа на 40-тина метри од голот на Македонија да биде сам и со спринт да стигне пред голот на Столе Димитриевски и да погоди за 1:0 за гостите. Погодокот може да го видите ТУКА. 

Освен при акцијата за голот, Финска создаде уште три големи шанси за погодок, и тоа во ситуации кога нивните играчи излегуваа сосема сами пред голот на Димитриевски. Во 59-тата минута, Димитриевски со фантастична одбрана спаси сигурен гол од ситуација која беше подобра и од пенал за гостите.

Слично беше и шест минути подоцна, кога еден гостински фудбалер повторно излезе сосема сам пред Димитриевски, но, за среќа, неговиот шут заврши покрај голот.

Дека одбраната на Македонија е многу несигурна, се потврди и во 84-тата минута, кога имавме среќа и се спасивме од пораз во дуелот со Финска. По еден центаршут, еден гостински фудбалер непречен од никого, од околу 10 метри шутираше со глава, но, за наша среќа, топката заврши во стативата и на крајот резултатот остана 1:1.

Освен овие ситуации кои Финска ги создаде само за 90 минути, се памтат и головите кои Македонија ги прими во дуелите со Грузија, Бугарија и Португалија, кога противниците беа буквално само пред нашиот гол и лесно погодуваа.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести