Кои се кошмарните варијанти што може да го срушат сонот на Меси да има перфектна кариера

Лионел Меси во кариерата ги освои сите најзначајни трофеи како на клупски така и на индивидуален план. Со Аргентина стана и првак на Јужна Америка, но му остана уште еден предизвик, а тоа е да ја освои титулата на Светско првенство.

Мундијалот во Катар е последен за Меси, па многумина очекуваат Аргентина да стигне до тронот. Сепак, Гаучосите веќе загубија на стартот од групата, и тоа од аутсајдерот Саудиска Арабија, па сега се во ситуација да мора во последното коло против Полска да бркаат пласман во осминафиналето.

По две кола во оваа група, Полска е прва со 4 бода, Аргентина има 3 (гол разлика +1), Саудиска Арабија 3 (гол разлика -1), Мексико 1 бод (гол разлика -2) и сите се со некакви шанси да играат во осминафиналето.

На Полска доволно ѝ е да не загуби од Аргентина затоа што со реми ќе има пет бода и најмалку би била втора. Аргентина со победа е сигурен патник понатаму, а Гаучосите може да калкулираат и со освоен бод, но во тој случај ќе треба да чекаат Мексико да слави над Саудиска Арабија (но не со повеќе од два гола разлика) или да е нерешено на оваа средба.

Саудиска Арабија сонува за осминафинале, а тоа сигурно ќе го оствари ако го победи Мексико. Доколу одигра нерешено, Саудиска Арабија ќе треба да чека Аргентина да загуби за да стигне до второто место.

Мексико има само теорија да продолжи со настапите во Катар. Селекцијата која нема постигнато ниту еден гол мора да победи против Саудиска Арабија и потоа да чека да има победник и на дуелот Полска – Аргентина, и тоа тимот што ќе триумфира тоа да го направи со што е можно поголема разлика.

Многу калкулации, многу опции околу резултатите на двата меча, а на крајот сѐ ќе биде познато околу 22 часот вечерва.

 

- Оглас -

Најнови вести