Бразилските медиуми и фанови упатија жестоки критики кон актуелните и поранешните фудбалски ѕвезди на Кариоките бидејќи не се појавија на погребот на легендарниот Пеле, туку се простија од него преку социјалните мрежи.
Фановите очекуваа на погребот да присуствуваат поранешните фудбалери на Сантос, како Нејмар, Родриго и Џовани, но и поранешните бразилски ѕвезди, како Зико, Ромарио, Роналдо, Кака и Роналдињо, да му оддадат последна почит на Пеле, кој е единствениот фудбалер во историјата што триумфирал на три Светски првенства.
Исто така, на погребот не се појави ниту еден од бразилските репрезентативци кои триумфираа на СП 2022 година, а еден од нив, Кака, беше цел на жестоки критики откако во интервју дадено минатиот месец се пожали дека Бразилците не ги почитуваат своите спортски херои колку што ги почитуваат странците.
„Не се ни појави на погребот на човекот кој ти го отвори патот да го имаш животот што го имаш“, реагираше навивачот Жоао Витор Кустодио на објавата на Кака на „Инстаграм“ за Пеле.
На објавата на Нејмар во која тој изрази жалење за смртта на Пеле, еден навивач напиша: „Лесно е да се каже, ама ти го испрати татко ти на погреб, а ти не дојде“.
По оваа критика, Нејмар не дозволи да се коментира на неговата објава на „Инстаграм“.
Медиумите објавија дека ниту еден странски активен фудбалер не дојде во Бразил да му оддаде почит на Пеле, ниту пак присуствувал на погребот.
Поранешниот репрезентативец Мауро Силва беше единствениот од репрезентацијата на Бразил која во 1994 година триумфира на СП што присуствуваше на погребот, но затоа на погребот беа присутни легенди од други држави и клубови, како Емилио Бутрагењо.
Некои од соиграчите на Пеле кои триумфираа на СП во 1958, 1962 или 1970 година, како Марио Загало и Ривелињо од преголема тага не можеле да присуствуваат, но тие беа поштедени од критики.
Но, критиките не го одминаа Кафу, кој изјави дека се обидел, но не стигнал во Сантос на време за погребот.
„За жал и со голема тага не можев да присуствувам на погребот на Пеле, бев на другата страна на светот. Летовите за Бразил беа во средата наутро и можев да пристигнам во Бразил следниот ден. Дали тоа го менува чувството за Пеле или она што тој го претставува за мене и фудбалот? Никогаш“, изјави Кафу.
Ривалдо, кој живее во САД, изјави дека не е сигурен дали би присуствувал на погребот дури и да бил во Бразил.
Дури и бразилските клубови не му оддадоа почит каква што Пеле заслужува и освен од Сантос, на погребот на најдобриот бразилски фудбалер на сите времиња присуствуваа само неколку активни фудбалери и тренери на бразилски клубови.