Мириса и на трет пораз на ракометарите, по првиот дел имаат негатива од седум гола и со свирежи од Фалангата заминаа на пауза

Ракометната репрезентација има негатива од седум гола, 11:18, по првото полувреме во дуелот со Аргентина од последното коло на групата Ф во првата фаза од Светското првенство.

Очајното издание на ракометарите кои беа безидејни во нападот беше испратено со свирежи од Фалангата, која е на трибините во „Таурон Арената“.

Повторно ракометарите како и во дуелот со Холандија слабо го започнаа натпреварот и на противникот му дозволија со лесни голови уште на стартот да направи предност.

Ракометарите го дадоа првиот гол на натпреварот преку Филип Талески, но тоа беше единствено водство за Црвено-жолтите. Аргентинците со головите на Симонет и Пизаро поведоа со 1:2 и не ја испуштија предноста до крајот на полувремето.

За три минути, од 10-тата до 13-тата, Гаучосите направија серија од 0:4 и од 4:5 поведоа со 4:9, а во 16-тата минута негативата се зголеми на шест гола (5:11).
До крајот на првиот дел, избраниците на Лазаров се обидуваа да ја намалат негативата, но Аргентинцте со лесни голови од контранапади ја одржуваа предноста.

Диего Симонет беше главна опасност за Македонија бидејќи постигна пет гола. Во нашиот тим најрасположен за игра беше Филип Талески со три гола.

- Оглас -

Најнови вести