Утре во осминафиналето на Лигата на шампионите, Ајнтрахт го пречекува Наполи во дуел на ланскиот освојувач на Лигата ан Европа и тимот кој сезонава буквално гази во Серија А, а освен тоа, и игра убаво за око. Затоа тренерот на Ајнтрахт, Оливер Глазнер, рече дека Наполи не е типичен италијански тим.
„Целта ни е да се пласираме во четвртфиналето. Стадионот ќе биде полн, атмосферата ќе биде фантастична, двата тима се во одлична форма. Фудбалот кој го практикува Наполи е антииталијански. За разлика од другите италијански екипи, тие играат со многу висок интензитет, доста се агресивни без топка, вршат висок пресинг и неверојатно се опасни во контранападите. Не се добри само во напад, имаат одличен баланс и примаат малку голови“, рече Глазнер, кој не штедеше зборови на пофалба за Наполи, а слабостите на противникот не ги кажа јавно туку ќе се обиде да ги искористи на утрешниот дуел.