Милвоки бакс очекувано славеше над Бруклин нетс со 118:113, а овој резултат на прв поглед воопшто не е чуден. Сепак, дуелот влегува во историјата на НБА поради еден неверојатен статистички податок.
Бруклин играше без петмина кошаркари, а од стандардните стартери тука беа само Бриџис и Финеј-Смит. Сепак, петорката со која започна Бруклин не се снајде на теренот, па уште во првата четвртина Милвоки поведе со 17 разлика.
Тренерот на Бруклин тогаш реши да ги повлече од игра сите петмина кошаркари од стартниот тим и да им даде шанса на резервистите. На крајот, играчите кои влегоа од клупата за резерви вкупно постигнаа 98 поени, а стартерите само 15 поени. На тој начин беше срушен рекордот кој го држеше Голден Стејт вориорс од 1977 година, кога на еден меч резервните кошаркари успеале да постигнат дури 94 поени во дуелот против Индијана, на 14 март 1977 година.