Останува да се одигра само уште еден натпревар од кошаркарското првенство за и официјално да заврши оној првиот, лигашки дел од првенството. Во последното коло највозбудливо беше на дуелот во скопски Аеродром каде МЗТ минимално со 95-93 го совлада второпласираниот Пелистер. МЗТ Скопје имаше предност во текот на целиот натпревар, во втората четвртина таа стана и двоцифрена, но во самиот финиш од мечот Пелистер се врати во игра и ја направи завршницата неизвесна. Сепак, во пенал-завршницата кошаркарите на МЗТ Скопје се снајдоја подобро и ја забележаа 20-тата лигашка победа оваа сезона. Дамјан Стојановски со 16 поени беше најпрецизен во домашните редови, додека Стајиќ и Хаџифејзовиќ постигнаа по 22 поени кај гостите од Битола.
Вистинско изненадување направија кошаркарите на гевгелиски Кожуф кои со убедливи 58-86 го совладаа Работнички во спортската сала Кале. Освен почетното водство, кошаркарите на Работнички не направија апсолутно ништо на овој меч. Кожуф диктираше темпо и постојано ја зголемуваше предноста. На крајот сосема заслужена победа за гостите од Гевгелија. Братоз со 21 поен беше најпрецизен во победничкиот состав, додека Ампиг со 16 поени беше лидер кај Работнички.
Резултати: МЗТ Скопје – Пелистер 95-93, Работнички – Кожуф 58-86, ТФТ – Куманово 107-70, ФМП – Еуро Никел 76-87, Гостивар – Феникс 98-74. Натпреварот Струмица – Чаир се игра утре.
Познати се и двојките за четвртфиналето од разигрувањето за титулата. Според пласманот на екипите, двојките се следните: МЗТ Скопје – Кожуф, Пелистер – Феникс, ТФТ – Еуро Никел и Гостивар – Работнички.
Плеј-офот започнува следниот викенд.