Шпанците го обвинија Ексум дека одглумил подобро и од Леонардо ди Каприо

Како се доближува времето за старт на третиот меч меѓу Партизан и Реал Мадрид во четвртфиналето од кошаркарската Евролига, така атмосферата се вжештува. Вториот дуел од оваа четвртфинална пресметка не го дочека крајот, откако се случи тепачка на помалку од две минути до крајот.

По целиот хаос, беа исклучени сите кошаркари на двата тима, а Партизан победи затоа што пред прекинот имаше убедлива предност од 85:70. Во тепачката најлошо помина Данте Ексум, кој буквално беше треснат од паркетот од страна на Гершон Јабуселе, а потоа кога пристигна во Белград, имаше помош од патерици за да може да се движи.

Ексум за кој не се знаеше колку е тешка повредата, денеска се појави на тренингот на Партизан и тој треба да биде подготвен за утрешниот дуел во „Штарк Арена“. По оваа информација од Белград, веднаш стигна реакција од Мадрид.

Пауло Ереро кој е новинар во „Радио 5“ и дел од сајтот „24 секундос ен Бланко“ кој е специјализиран за КК Реал Мадрид, се сомнева околу тоа дали и колку Ексум воопшто бил повреден.

„Доктори од сите страни на светот пристигнуваат во Белград, да го проучат случајот Лазар (лик од Библијата), Данте Ексум. Од одење на патерици со скинати лигаменти во четвртокот, преку скокање на една нога во петокот, па се до играње без проблем во вторник. Сјајна глума. Ова не му успеа ниту на Ди Каприо во „Волкот од Волт Стрит“, пишува шпанскиот новинар.

Партизан води со 2:0 во победи и му е потребен само уште еден триумф за влез на фајнл-фор турнирот. Ексум најверојатно ќе игра, а на паркетот сигурно ќе ги нема суспендираните Пантер и Лесор кај Партизан, како и Јабуселе и Дек кај Реал Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести