Германците планираат револуција во фудбалот со воведување ново правило со кое би се намалиле грешките на судиите

Бурата по контроверзниот натпревар од последното бундеслигашко коло меѓу Бохум и Борусија Дортмунд (1:1) сè уште не е стивната поради судискиот превид кога не беше досуден пенал за гостите, а германските медиуми предлагаат да се воведе револуционерно правило по примерот на американскиот спорт со кое би се намалиле грешките на арбитрите.

Имено, угледниот германски магазин „Кикер“ смета дека едно до решенијата за намалување на грешките на судиите е воведување на тренерски „челинџ“, односно проверка на спорните моменти.

Во најпопуларниот спорт во САД, американскиот фудбал, тренерите во НФЛ-лигата имаат можност двапати во еден натпревар да побараат проверка на одредени ситуации кои ги сметаат за спорни.

Токму во дуелот Бохум и Борусија, Милионерите беа оштетени за чист пенал, кој доколку беше досуден и реализиран, тие ќе останеа на лидерската позиција на табелата на четири кола до крајот на сезоната.

Предлогот на „Кикер“ го поддржа и тренерот на Келн, Штефан Баумгарт, кој смета дека е добро да има по еден „челинџ“ во двете полувремиња.

„Во случаите кога се донесени апсолутно погрешни одлуки од судиите, би требало да се даде можност за проверка на спорниот момент. По еден „челинџ“ во секое полувреме би било логична одлука“, вели Баумгарт, кој доби поддршка и од тренерот на Шалке, Томас Рајс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести