ПСЖ во големото дерби во четвртфиналето од ракометната Лига на шампиони како гостин го совлада Кил со 27:31.
Францускиот тим, кој е предводен од поранешниот селектор на Македонија и екстренер на Вардар, Раул Гонзалес, кого македонските фанови го нарекуваат Ел Команданте, до триумфот дојде со подобра предност во второто полувреме. Првиот дел помина во израмнета игра, во која најголемата предност беше два гола, и тоа за Светците, а на одмор се замина со минимално водство на гостите од 12:13.
Во второто полувреме, ПСЖ постојано беше во водство, Кил последен пат успеа да израмни (20:20) во 45-тата минута, но Светците повторно ја презедоа контролата. Со серија од 0:3 поведоа со 23:27 и ги решија дилемите околу победникот.
Во редовите на ПСЖ одличен натпревар одигра поранешниот вардарец Даинис Криштопанс со шест постигнати голови без ниту едно промашување. Шест гола дадоа и Феран Соле и Елоим Пранди. Сандер Сагосен со девет постигнати голови ја предводеше листата на стрелци кај Кил.
Висла Плоц со одличен финиш во последните четири минути успеа да надомести негатива од четири гола и успеа да се спаси од пораз играјќи 22:22 против Магдебург.
Послкиот тим постојано беше во негатива, најголемата изнесуваше пет гола (2:7), а во последните пет минути од мечот влезе со минус од четири гола (18:22).
Но, во финишот успеаја да направат серија од 4:0 благодарение на головите на Абел Гунтин, Лучин и Михиќ и да се изборат за реми.
Михиќ и Коросотов со по четири гола беа најпрецизни кај Висла Плоцк, додека кај Магдебург се истакнаа Дамгард Нилсен со осум и Каи Смитс со шест постигнати голови. Реваншите ќе се играат за седум дена.