Македонија Ѓорче Петров е клубот кој ќе се обиде да го одбрани трофејот во Купот на Македонија. Скопската екипа во утрешното финале ќе игра против Струга Трим Лум, клуб кој сезонава ја прослави првата шампионска титула.
Капитенот на Македонија ЃП, Филип Мишевски вели дека неговиот тим оди на победа.
„Сметам дека фактот што имаме одиграно повеќе финалиња е предност за нас. Ќе биде тешко, трите нерешени средби сезонава се доказ дека ќе биде неизвесно. Македонија ЃП како клуб има повеќе финалиња, но и Струга Трим Љум има играчи со искуство во вакви натпревари. Ќе дадеме сè од себе да го одраниме трофејот, не криеме дека одиме на победа“, вели Мишевски.
Оптимизам владее и кај тренерот на ѓорчепетровци Горан Симов.
„Ќе играме на добар терен, против силен противник и нè очекува убаво време. Се надеваме дека сè тоа ќе води кон убав натпревар, вистинско финале. Струга Трим Љум го освои трофејот во ПМФЛ и има одлични играчи, дел од нив многу искусни кои ги освоиле сите домашни трофеи. Ние сме максимално подготвени за финалето, мислам дедка притисокот ќе биде врз противникот. Македонија Ѓорче Петров ќе направи сè за да го задржи Куп-пехарот. Можеби не сум искусен многу како тренер, меѓутоа како играч видов сè во мак-фудбалот. Јас се надевам дека ќе дојдам до вториот пехар во ова натпреварување како тренер, нема големи тајни пред финалето. За Македонија ЃП ова е петто финале, додека за стружани е прво, надежта во финалето постои. Пеналите многу често одлучувале во претходните години, дај Боже пак да дојдеме во шанса преку нив да го освоиме трофејот“, изјави Симов.
Јубилејното 30-то финале на Купот на Македонија ќе се игра утре, на 20 мај на тренинг центарот „Петар Милошевски“ покрај седиштето на ФФМ.