МЗТ Скопје Аеродром по втор пат за четири дена го победи Пелистер во финалето на плејоф кошаркарската серија за шампионската титула. Аеродромци во својот дом „Јане Сандански“ денеска славеа со 75:67 и поведоа со 2:0 во победи, па за одбрана на трофејот сега им е потребен само уште еден триумф.
Пелистер добро започна и поведе со 5:0, а потоа имаше и 9:4, но потоа се разбудија домаќините. Со серија од 19:4, МЗТ Скопје Аеродром стигна до првата двоцифрена предност од 23:13. По првите 10 минути беше 25:17 за фаворитот.
Во втората четвртина МЗТ константно имаше сигурна предност, а највисокото водство беше 42:27 во 18-тата минута. Тогаш следуваше и опуштање кај домаќините, па Пелистер со низа од 8:2, на полувреме замина само со девет негатива (44:35).
Во третата четвртина домаќинот рутински ја одржуваше предноста, па по 30 минути игра, резултатот беше 62:50. Иако постојано беа во негатива, гостите од Битола не се предадоа. Во 34-тата минута беше 69:56, домаќините како да застанаа. Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски беа исклучени поради пет лични грешки, а Пелистер стигна до 71:65 на две минути до крајот.
Тогаш одговорноста ја презеде Војдан Стојановски, кој погоди тројка на 1:26 до крајот и донесе предност од 74:65, момент кој се покажа како клучен за нова победа на МЗТ Скопје Аеродром.