Рајо Валјекано не пропушти шанса да ги откупи правата на договорот за Столе Димитриевски од Химнастик де Тарагона, па репрезентативецот на Македонија сега е член на прволигашот од Мадрид до 2022 година.
Димитриевски летоска пристигна на „Де Валјекас“ како позајмен голман од второлигашот од Тарагона, на почетокот беше и резерва во Рајо Валјекано, но потоа ја потврди класата.
Брани одлично во континуитет, а со него на голот Рајо побегна од дното на табелата, иако сè уште бие битка за опстанок. На двапати нашиот голман беше и во тимот на колото во Ла Лига, а имаше блескави моменти и позиции во топ петте одбрани во изборот на официјалната интернет-страница на шпанската лига.