Македонските фудбалски таленти тргнаа да го остварат својот сон, да бидат ѕвездина ѕвезда

Поранешниот европски и светски првак Црвена ѕвезда денеска во Скопје го стартуваше фудбалскиот камп на којшто учествуваат повеќе од 50 талентирани деца. „Оствари го својот сон, биди ѕвездина ѕвезда“ е мотото под кое започна кампот во организација на македонската фудбалска школа „Форца“ и балканскиот гигант.

Овој камп е почеток на реализација од ланскиот договор потпишан во Белград, кога квалитетот препозна квалитет. Учествуваат дечиња од генерациите од 2008 до 2015 година, а кампот ќе трае до 16 јуни.

„Целта на кампот е да го доближиме најдобриот фудбалски клуб на Балканот, Црвена ѕвезда, до нашите талентирани млади фудбалери, но и гостите од Србија да ги видат нашите таленти од целата земја. Овој камп треба да биде како отскочна штица за подобра иднина на нашите таленти. Дојдени се вкупно петмина тренери од Црвена ѕвезда, кои треба да видат дека и во Македонија има квалитет. Македонија секогаш имала потенцијал и добри дечиња“, вели претседателот на фудбалската школа „Форца“, Јорданчо Џипунов.

Во првиот ден од кампот се работеше двапати. Утринската програма беше наменета за специјални моторички тестови преку кои треба да се видат резултатите на младите таленти. Со употребуваше најсовремена опрема, сензори за мерење на моториката, тренерите ги забележуваа резултатите и потоа младите таленти добиваа совети за тоа што треба да променат, на што треба да посветат повеќе внимание за подобро да се развиваат во иднина.

На попладневниот тренинг повеќе се работеше на технички и физички план и сите дечиња го даваа максимумот.

Мотивот кај овие таленти е уште поголем затоа што најдобрите што ќе бидат одбрани ќе имаат можност да заминат во Белград и да видат како се работи во школата на клуб кој редовно игра во Лигата на шампионите и останатите европски натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести