Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Македонија ЃП, утре ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите за Конференциската лига. Противник ќе им биде една од најдобрите екипи од Летонија, РФС Рига.
Шефот на стручниот штаб, Горан Симов, очекува добра игра од неговата екипа и очекува победа, што би значело прв пораз за РФС во 2023 година.
„Деведесет отсто од играчите кои играа во финалето на Купот се тука и сега. Овој период повеќе работевме на тактичкиот план. Многу се дисциплинирани, како војници. Исто така имаат квалитетни поединци, но секако имаат и слаби страни. Мора да сме мудри, сконцентрирани, да знаеме што сакаме. Ќе видиме какви ќе бидат условите, имаме повеќе варијанти, подготвени сме и сакаме да го добиеме мечот. Ќе го дадеме максимумот и ќе се обидеме да и го нанесеме првиот пораз на РФС Рига во 2023 година“, изјави тренерот на Македонија ЃП, Горан Симов.
Оптимизам владее и кај капитенот на Лавовите, Филип Мишевски, кој најавува борба на секој дел од теренот.
„Најважно е да играме организирано и агресивно, мораме да се бориме на секој дел од теренот, но и да бидеме внимателни. Ова е прв меч, ќе има реванш и затоа мора да бидеме внимателни. Ќе им го нанесеме првиот пораз во 2023 година“, рече капитенот на Македонија ЃП, Филип Мишевски.
Натпреварот Македонија ЃП – РФС Рига во рамките на првото квалификациско коло од Конференциската лига ќе се одигра утре, со почеток во 17:30 часот, на теренот на тренинг-центарот на ФФМ „Петар Милошевски“ во Скопје.