Македонскиот шампион Струга ТЛ е елиминиран уште во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите и тоа од литванскиот Жалгирис. Литванскиот шампион на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, славеше со 1:2 и тоа со пресврт направен за само пет минути. Првиот натпревар кој се играше во Вилнус, заврши без голови.
Стружани го отворија резултатот во 76-та минута со голот на најдобриот стрелец Бесарт Ибраими кој го реализираше ударот од белата точка.
Но, радоста на фудбалерите на Струга ТЛ траеше само две минути бидејќи Јури Кендиш го израмни резултатот.
Во 83-та минута, Жалгирис направи целосен пресврт и тоа благодарение на автоголот на Радиќ.
Жалгирис во следното квалификациско коло ќе игра против турскиот шампион Галатасарај, додека Струга ТЛ настапот во Европа го продолжува во квалификациите за пласман во Лигата на конференции каде за противник ќе го има црногорскиот Будуќност.