Интер Мајами се полни со ѕвезди на Реал и Барселона, и Рамос на пат кон МЛС-лигата

Поранешниот капитен на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација, Серхио Рамос, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во МЛС-лигата и тоа во тимот за кого потпиша Лионел Меси, Интер Мајами.

По завршување на минатата сезона, Рамос ја прекина соработката со ПСЖ каде исто така играше заедно со Меси, и сега двајцата, најверојатно, повторно ќе играат заедно.

Рамос имаше богата понуда од Саудиска Арабија, но според каталонскиот весник „Спорт“, ја одбил и започнал преговори со косопственикот на Интер Мајами, Дејвид Бекам со кого заедно играат во Реал Мадрид.

Шпанецот треба да потпише едногодишен договор.

Интересно е што за Интер Мајами летово потпишаа или се пред потпис вистински легенди на шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона. Лионел Меси, Серхио Бускетс и Жорди Алба веќе потпишаа за Интер Мајами, а наскоро се очекува истото да го сторат и Рамос и Луис Суарес. Нов тренер на тимот е Аргентинецот Херардо Тата Мартино, кој седеше и на клупата на Барселона.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести