Веста за смртта на 29-годишниот навивач на АЕК од Атина, Михалис Куцурис, уште е главна тема во фудбалскиот свет во Европа, а мечевите од квалификациите во Лигата на шампионите се во втор план.
Повеќе од 100-тина навивачи на Динамо Загреб, кои ненајавено допатуваа во Атина и направија хаос во главниот град на Грција, се уапсени и се чека одлуката која ќе биде нивната казна.
Меѓу многумина сведоци кои го преживеале хоророт таа вечер е и најдобриот другар на починатиот Михалис, Христос, кој сведочеше за тоа што се случило.
„Извини брате, не успеав. Тоа сакам да ти кажам“, беа првите зборови на Христос, кој подоцна го опиша пеколот низ кој поминал тој, а, за жал, Михалис почина по налетот на хулиганите.
„Трчавме за да избегаме и во еден момент го слушнав Михалис како ми вика „Брате, ме прободија, крвавам“. Поминавме 100-тина метри и успеавме да се засолниме во едно кафуле. За целото време, Михалис многу крвавеше. Со нас беше и една девојка, која цело време му помагаше. Михалис во еден момент сакаше да легне, но ние не му дозволивме. Девојката се обидуваше да помогне колку може“, раскажува Христос, кој потенцира дека 20-тина минути не можеле да најдат Брза Помош бидејќи целиот тој реон бил блокиран од полицијата, која не дозволувала да влезат ниту возилата на Брза помош.
„Немаше возила за Брза помош, иако многумина се јавуваа и бараа помош. Колку што слушнав, полицијата не ѝ дозволувала ниту на Брзата помош, ниту на пожарникарите да дојдат 20-тина минути. Јас случајно најдов едно возило на приватна Брза помош и го молев возачот да дојде до стадионот затоа што мојот пријател умираше. Тогаш дојде возилото на Брза помош. Михалис никогаш никого немаше повредено. Го сакаше АЕК и тоа се гледаше во секој дел од неговиот живот“, вели во потресното сведовштво Христос, кој тврди дека неговиот пријател бил жив во моментот кога влегол во Брзата помош.
Според пишувањата, Михалис бил прободен во раката, каде што била погодена главната артерија и затоа почнал многу да крвави. Се верува дека ножот со кој бил прободен е од калибарот „Карамбит“, но ножот уште не е најден.