Управата на ПСЖ подготвува да направи голема чистка во соблекувалната до крајот на преодниот рок од која нема да бидат поштедени најголемите ѕвезди, објави Радио Монте Карло.
Килијан Мбапе, кој одбива да потпише нов договор и одбива да биде продаден сè додека не го земе бонусот за лојалност од 90 милиони евра, ќе ја преседи на трибините цела претстојна сезона и ќе тренира со вториот тим на Светците.
Причина за одбивањето на Мбапе да потпише нов договор или преселба во друг тим е тоа што има вербален договор со претседателот на Реал Мадрид идното лето како слободен играч да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“ и само за потпис на договорот ќе добие 160 милиони евра.
Вчера спортскиот директор Луис Кампос и тренерот Луис Енрике одржале состанок со фудбалерите кои не се дел од тактичките замисли на шпанскиот стратег и им порачале дека се слободни во изборот на нов тим.
Радио Монте Карло пренесува дека освен Нејмар, непожелни во ПСЖ се и Марко Верати, Уго Екитике, Хуан Бернат и Ренато Санчес, кои ќе бидат ставени на трансфер-листата и имаат рок до први септември да си најдат нов ангажман.
Сериозен интерес за Нејмар и Верати има од Саудиска Арабија, додека Екитике е на радарот на Евертон, кој го бара на едногодишна позајмица.
Засега ниту една европска екипа не пројавува интерес за Бернат и Санчес.
Кампос и Енрике не планираат да бидат премногу активни до крајот на летниот преоден рок и сакаат да го засилат само нападот. Сè поизвесно е дека на „Паркот на принцвоите“ ќе пристигне Рандал Коло Муани од Ајнтрахт Франкфурт.