Голема бура се подигна во хрватскиот фудбал откако Риека му се налути на Динамо Загреб за начинот на кој им го зедоа тренерот Сергеј Јакировиќ.
Динамо го зел Јакировиќ без знаење на челниците на Риека, и тоа на неполна недела пред меѓусебниот дуел на Динамо и Риека во хрватската лига и два-три дена пред европските настапи на двата клуба.
Мостарецот имаше договор со Риека, но Динамо ја искористи клаузулата и плати сума во висина на шест плати (околу 100.000 евра) и така без знаење на ривалот го донесе Јакировиќ на својата клупа.
„Од фејсбук-страницата на Динамо дознав дека го зеле Сергеј. Мислев дека е некоја шега. Потоа тој ми се јави и ми кажа дека си оди. Му реков дека тоа што го направи не е нормално. Може да оди во подобар клуб, но не може да ги остави играчите на цедило пред важен меч, неспортски е и некоректно. Ништо не е противзаконски, си имавме договор, но да знаевме порано, ќе најдевме тренер и ќе беше регуларно. Вака е срамота, не памтам вакво нешто во ХНЛ“, изјави претседателот на Риека, Дамир Мишковиќ.
И самиот Јакировиќ е изненаден од случувањата затоа што во 14 часот се капел во море, а во 15 веќе бил тренер на Динамо.
Навивачката група на Риека,„Армада“ го искоментираа трансферот со една реченица: „Ништо не е свето, сè е бруто и нето“.