Серхио Рамос цело лето е слободен играч откако му заврши двегодишниот договор со Пари Сен Жермен. Легендарниот шпански дефанзивец е во потрага по нов клуб и иако беше поврзуван со неколку екипи, засега уште е слободен на пазарот.
Иако трансфер периодот е завршен, тоа не важи за оние фудбалери кои се слободни и уште се без клуб, како што е Рамос. Последните најави се дека Шпанецот е на мета на Ал-Итихад.
Актуелниот првак во Саудиска Арабија сакаше во дефанзивната линија да го доведе Луис Филипе од Бетис, но откако не успеа во своите намери, сега фокусот е насочен кон Рамос. Искусниот дефанзивец може да добие двегодишен договор и плата од 20 милиони евра по сезона.
Во Ал-Итихад летово трансфер направија Карим Бензема, Нголо Канте и Фабињо, а тренер е Португалецот Нуњо Еспирито Санто. За Рамос се интересира и турски Галатасарај, но 37-годишниот фудбалер најверојатно ќе се одлучи за Саудиска Арабија, каде финансиската понуда е далеку подобра.