Работнички загуби со 2-1 од Црвена ѕвезда на контролен меч одигран во Анталија. „Романтичарите“ одиграа храбро и може да жалат што не успеаја да одиграат барем нерешено против екипата која оваа сезона играше и во групната фаза од Лигата на шампионите.
Македонскиот тим дојде во водство со голот на Дејан Блажевски во 41-вата минута, кога откосо прецизно шутираше и го матираше голманот на Црвена ѕвезда, Зоран Поповиќ. Интересно е што Работнички само пет минути претходно имаше голема шанса за гол, но Баже Илијоски утна пенал. Блажевски беше фаулиран, а судијата досуди удар од белата точка во 36-тата минута, но ударот на Илијоски го одбрани Поповиќ.
По погодокот на Блажевски во 41-вата минута, српскиот првак брзо возврати. Само две минути подоцна, по еден корнер, Алекса Вукановиќ со глава погоди за 1-1, што беше и резултат по првиот дел.
Во второто полувреме, Блажевски имаше голема шанса да го доведе Работнички до водство од 2-1, но Поповиќ го одбрани неговиот удар во 53-тата минута. Само една минута подоцна, Црвена ѕвезда изведе брз напад и преку холандскиот интернационалец Ебeсилио стигна до 2-1, што се покажа и како конечен резултат.
За Работнички ова беше трет тест-меч во Анталија и го претрпе вториот пораз. Претходно „романтичарите“ загубија и од Поханг Стилерс со 2-0, а имаат и една победа во дуелот против Сабуртало од 2-1.
Целиот меч меѓу Работнички и Црвена ѕвезда може да го погледнете на следниот линк.