Селекцијата на Канада успеа да го елиминира актуелниот светски шампион откако во последниот меч од групата Л, ја совлада Шпанија со 88:85.
Влогот во овој натпревар беше голем и за двете репрезентации, само победникот продолжува во четвртфиналето на Светското првенство, иако во првиот дел од Мундијалот, и Шпанија и Канада имаа перфектен учинок, но кикснаа во втората фаза.
Првата четвртина помина во израмнета игра (21:21), најголемата предност изнесуваше шест поени која Канаѓаните во три напади ја анулираа.
Првиот удар го зададе Фуријата и тоа во втората четвртина која ја доби со 27:17 и со двоцифрена предност замина на одмор. Шпанците предноста ја одржуваа и во третата четвртина, но Канаѓаните фуриозно ја започнаа последната четвртина, со серија 0:8 дојдоа до минус четири, 73:69.
Канаѓаните постојано се обидуваа да дојдат до израмнување, и тоа им успеа по тројката на Дилон Брукс на 79 секунди до крајот (80:80). Шпанците не го реализираа следниот напад, по што Шеј Гилџес-Александер погоди за водство за Канада, а потоа реализира и две слободни фрлања за водство од 84:80.
Шпанија на 15 секунди до крајот намали со поените на Нуњес, но Гилџес-Александер ги погоди сите четири слободни фрлања во последните секунди и ја однесе Канада во четвртфиналето.
Токму Гилџес-Александер со 30 поени беше најпрецизен кај Канада, а 22 поени даде Брукс, додека во редовите на Шпанија беа Вили Ернангомез со 25 и Алдама со 20 поени.