Љуботен немаше сили за изненадување, загуби убедливо од шампионот на Кипар

Женскиот фудбалски шампион на Македонија, тетовскиот Љуботен, со пораз го започна настапот на квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите кој се игра во Словенија.

Во полуфиналето на турнирот, Љуботен загуби со убедливи 9-0 од редовниот учесник во групната фаза на Лигата на шампионите, Аполон од Лимасол.

Шампионот на Кипар уште на стартот покажа дека е апсолутен фаворит и уште во втората минута дојде до водство од 1-0. До крајот на првиот дел мрежата на тетовки се тресеше уште четирипати.

Во второто полувреме, шампионот на Кипар, успеа да постигне уште четири погодоци за конечни 9-0. Интернационалката од Португалија, Жоана Дантас, постигна три погодоци, додека Оливија Анокје од Гана и американката Синди Насело по двапати прецизно стрелаа во мрежата на Љуботен. По еден погодок постигнаа американката Кејтлин Роус Бринкман и домашната фудбалерка Елени Јану.

Имињата и земјите од каде што се стрелците на головите за Аполон Лимасол доволно кажуваат за моќта на шампионот на Кипар. Во старниот состав се најдоа дури пет интернационалки од САД, по две од Гана и Португалија и една од Англија. Само две фудбалерки беа од Кипар. На клупата за резерви имаше уште две фудбалерки од Гана и по една од Ерменија и Индија.

Екипата на Љуботен шансата за победа ќе ја бара на дуелот во сабота, кога ќе игра со поразениот од дуелот помеѓу домашната Мура и грузискиот Самгрело. Токму шампионот на Грузија најверојатно ќе биде противникот на љуботенки и одлична можност за победа на турнирот кој се игра во Словенија.

- Оглас -

Најнови вести