Фудбалскиот Куп на Македонија денеска ја почнува својата нова сезона со 12 дуели од првото коло, кое претставува 16-финале. Четири клубови како најуспешни во минатата сезона ќе го прескокнат ова коло и ќе се вклучат во следната фаза.
Паровите од 16-финалето се: Арсими – Тиквеш, Башкими – Скопје, Беласица – Гостивар, Беса – Вардар, БВК Коњаре – Шкупи, Јанг тим Струга – Победа, Карбинци – Воска спорт, Кожуф – Брера Струмица, Новаци – Брегалница, Охрид – Детонит Плачковица, Тетекс – Работнички, Влазрими – Пелистер.
Мечевите се играат од 15 часот.
Слободни во ова коло се Шкендија, Струга Трим Лум, Македонија Ѓорче Петров и Силекс.
Според историјата и традицијата, дерби треба да биде Тетекс – Работнички, но таму гостите се големи фаворити. Најинтересно треба да биде во Гевгелија, каде што на опасниот Кожуф му гостува Брера Струмица, во Струмица, каде што кај Беласица гостува прволигашот Гостивар, и во Врапчиште, каде што најтрофејниот клуб Вардар ќе има пресметка со Беса.