Ракометниот клуб ППД Загреб на интересен начин бара поддршка од публиката за утрешниот натпревар против Алборг од Лигата на шампионите.
Тренерот Андрија Николиќ се пошегува со рекордните пет концерти на српската фолк пејачка Александра Пријовиќ во загрепската Арена. За првите три концерти, билетите беа продадени за 24 часа, за четвртиот беа продадени за нешто повеќе од 48 часа, па тоа предизвика бура од реакции во хрватската јавност.
За разлика од Пријовиќ, ракометарите на Загреб имаат проблем да ја наполнат салата и ги молат фановите да дојдат во што поголем број.
„Можеби би било добро Александра Пријовиќ да дојде на мечот, па да ја наполниме Арената, хахаха“ – рече тренерот на загрепчани.
Физиотерапевтот Дамир Кајба се надоврза на тренерот.
„Дојдете во Арена. Не, не е Александра Пријовиќ, туку РК Загреб игра четврти меч по ред во ЛШ против Алборг кој го предводи еден од најдобрите играчи на светот, Микел Хансен. Ако може Александра да ја наполни Арената за сериозна сума на пари, да видам дали можеме бесплатно да го наполниме барем долниот прстен на Арената и да ги поттурнеме момците да пробаат да освојат важни бодови“ – порача Кајба.