Имобиле: Можеби требаше летоска да си заминам од Лацио

Италијанскиот напаѓач Чиро Имобиле, призна дека периодов почнал да се сомнева во исправноста на својата одлука да остане и сезонава во Лацио, иако летоска имал богата понуда од Саудиска Арабија.

Имобиле не тргна по стапките на неговиот довчерашен тимски колега Сергеј Милинковиќ-Савиќ кој замина во Саудиска Арабија, и реши да остане во редовите на римските Орли. Но, сезонава не му цутат розите, дури и некои фанови на Лацио протестираат против него, па Имобиле почнал да се кае што останал.

„Тоа е мал дел од публиката кои ме исвиркуваат, не знам ни дали може да ги наречам вистински навивачи на Лацио. Мислам дека вистински фан на Лацио не би имал замерки за мене. Прашање на време е кога ќе почнам да ги победувам овие навивачи скептици“ – вели Имобиле.

„Летоска имав неколку понуди од Саудиска Арабија, но решив да ги одбијам, и да продолжам да играм во Италија и во Лигата на шампионите. По почетокот на сезонава, особено после критиките и коментарите колку пари ќе му донесев на Лацио ако ме продадеа, почнав да се прашувам дали донесов правиилна одлука. Моите размислувања сега не се исти како во јули. Понекогаш мислам дека можеби подобро ќе беше да си заминев“ – додава човекот кој има договор со Лацио до 2026 година, а на 306 настапи за клубот има постигнато 198 голови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести