Најголемото ракометно дерби во Македонија меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар заврши со убедлива победа на шампионот од 29:25 и се реваншира за поразот во Скопје од 30:25 на стартот од сезоната.
Огромен удел во исходот на мечот имаше и вирозата која на неколку дена пред мечот ги зафати Црвено-црните. На два дена пред дербито, Вардар побара истото да биде одложено бидејќи 15 ракометари и членови на стручниот штаб имаа вироза, но Е. Пелистер го одби предлогот.
Во недостаток на неколку играчи, Црвено-црните за дербито пријавија само 14 ракометари од кои само четири беа бекови, а и пензионираниот Стојанче Стоилов мораше повторно да го облече дресот, но не успеа да му помогне на Вардар да го избегне поразот.
Ракометарите на Е. Пелистер фуриозно го започнаа мечот и поведоа со 7:1 и го оставија Вардар шест минути без постигнат гол. Вардарци се обидоа да се вратат, намалија на 11:7, но не успеаја да реализираат два напади по ред и беа казнети од битолчани. Пелистер возврати со серија од 4:0 која потоа му овозможи со плус седум (18:11) да замине на одмор.
Воведните минути од второто минути поминаа во знакот на битолчани кои дојдоа до 22:13 и ја најавија победата. Но, вардарци не се предадоа, се разбрани голманот Мартин Томовски и прво успеаја да намалат на минус шест (27:21 и 29:23) со што ги вратија надежите дека ќе ги зачуваат петте гола предност од првото коло (30:25). Во последната минута, Вардар успеа преку Томислав Јагуриновски да намали на 29:24.
Пелистер не го искористи последниот напад, по што Ѓукиќ од контранапад во последната секунда успеа да постигне гол за 29:25 со кои ја зачуваа предноста од првиот меч и лидерската позиција на табелата во групата Б.
Доколку до крајот на регуларниот дел од сезоната и двете екипи имаат ист број на бодови, лидерската позиција ќе му припадне на Вардар со што би пренел три бода во следната фаза.