Селекцијата на Италија дури во третиот меч на домашен терен успеа да ја совлада Македонија, вечерва славеше со 5:2 на „Олимпико“ во Рим и си обезеди директен дуел со Украина за второто место во групата Ц кое носи пласман на ЕП во Германија.
Аѕурите по првото полувреме водеа со 3:0, но во вториот Македонија преку Јани Атанасов дојде до 3:2, за во финишот Распадори и Ел Шарави да ја потврдат победата на Италијанците. Селекторот на Аѕурите е задоволен од победата над Македонија, а не пропушти можност да го пофали Столе Димитриевски кој во 38-та минута го одбрани пеналот на Жоргињо.
„Одигравме многу добри 90 минути. Знаевме дека можеме да имаме проблеми по прекините, но добро реагиравме. Натпреварот против Македонија е одличен чекор напред за нас иако дозволивме да ни падне концентрацијата и во второто полувреме имавме проблеми со контролата на топката. Вториот гол во нашата мрежа не оптерети психички, но добро одработивме и се кренавме. Мора и да ја пофалам Македонија и посветеноста на играчите. Сакам да му честитам и на голманот кој му фати пенал на Жоржињо. Димитриевски успеа да го залаже Жоргињо дека ќе се фрли и ќе остави простор, а наместо тоа остана на место и му го фати пеналот. Во секој случај, Жоржињо останува многу важен играч за нас“, изјави Спалети.