Спалети не се откажува, и следниот пенал за Италија ќе го шутирал Жоржињо

Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Лучано Спалети, најави дека и наредниот пенал кој ќе биде досуден за неговиот национален тим, ќе го шутира Жоржињо, иако натурализираниот Италијанец има серија од четири утки по ред при шутевите од белата точка.

Жоржињо до пред две години беше речиси непогрешлив пеналџија, но неговата тактика со потскокнување пред шутот, веќе е прочитана од голманите, па така и Столе Димитриевски синоќа мајсторски му го одбрани шутот од 11 метри.

Лошата серија на Жоржињо почна во финалето на ЕП во јули 2021 на „Вембли“ кога во пенал рулетот утна против Англија. За негова среќа, Италија победи. И синоќешната утка против Македонија не беше проблематична, Италијанците и без тој пенал победија убедливо со 5-2.

Но, Жоржињо во есента 2021 не реализираше и два пенали против Швајцарија во квалификациите за СП 2022. На тие мечеви кои завршија нерешено, ако Жоржињо погодеше, Аѕурите ќе учествуваа на Мундијалот во Катар.

„Му реков на Жоржињо дека верувам во него и дека ќе му дозволам да го шутне и наредниот пенал. Се согласи“ – рече Спалети кој го пофали Димитриевски за реакцијата и одбранетиот пенал.

- Оглас -

Најнови вести