Дербито на Премиерлигата помеѓу Манчестер сити и Челзи кое почнува во 17 часот, не е важно само за овие два тима кои имаат различни приоритети, туку резултатот со нетрпение ќе се чека и кај фановите и членовите на Ливерпул и Манчестер јунајтед.
Ако се гледа само моментниот клупски интерес, тогаш Челзи ќе има поддршка од Ливерпул, а за „граѓаните“ ќе навива цел Манчестер, бидејќи и на „ѓаволите“ им одговара пораз на Челзи, бидејќи така Јунајтед би останал на четвртата позиција на табелата.
Во тимот на тренерот Гвардиола, ќе ги нема Менди и Компани, но се враќаат Де Брујне и Стерлинг кои не настапија против Евертон во средата. Сити со победа повторно би се изедначил со Ливерпул по бројот на бодови, но „црвените“ ќе имаат меч помалку.
Кај Челзи, ќе се појави Рудигер, а Игуаин против врвен противник треба да потврди дали е вистинско засилување за „сините“ од Лондон.
Овие два тима за две недели ќе играат финале на Карабао купот, но овој денешниот меч е вистинското финале за Сити, кој нема право на кикс. Летоска, Сити славеше 2-0 во Комјунити шилд (англиски суперкуп), но Челзи во декември врати со иста мерка во првенството. Во 2015 година последен пат било 0-0, но традицијата не најавува преголема ефикасност.
Манчестер сити во премиерлигата има загубено 25 пати од Челзи, повеќе од било кој друг клуб, но дома тимот на Гвардиола има 12 победи на 13 меча сезонава, додека Челзи уште нема дадено гол на гости во 2019 година.