Чави го загуби трпението со Левандовски, сака да му ја намали платата и да го закова на клупата

Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, е незадоволен од игрите кои неговиот напаѓач и прва ѕвезда на тимот, Роберт Левандовски, ги прикажува и планира да го остави на клупата за резервни играчи.

Згора на тоа, поради финансиската криза во која се наоѓа клубот и поради која голем дел од фудбалерите беа принудени да ги ревидираат договорите и да им бидат намалени платите, сега Чави, но и фановите бараат тоа да се случи и со Левандовски, кој воедно е најдоброплатен играч во тимот.

Според радиото „Кадена Сер“, нето-платата на Левандовски во првата сезона во Барселона изнесува 10 милиони евра, оваа сезона е 13 милиони, а следната сезона ќе биде 16 милиони. Во последната година од договорот, нето-платата повторно би му се намалила на 10 милиони.

Очекувањата на челниците на Барселона беа дека еден од најдобрите напаѓачи на денешницата од година во година ќе игра сè подобро, но ситуацијата е поинаква. Левандовски минатата сезона постигна 23 гола на 34 меча во Ла Лига, а оваа сезона даде само осум гола и ги разочара навивачите.

Чави исто така е разочаран од игрите на Левандовски, а ситуацијата кулминирала за време на мечот против Алмерија (3:2), кога на полувремето им викал за фудбалерите, а го замолил Левандовски да почне да трча како што треба.

Се чини дека Чави целосно го загубил трпението со Полјакот и поради тоа инсистираше и вршеше притисок врз управата на клубот да го донесе Витор Роке уште во јануари за да може 18-годишниот Бразилецот да го заземе местото на Левандовски.

Желбата му беше исполнета и според шпанските медиуми, Витор Роке би требало да дебитира на првиот меч на Барселона во 2024 година, на четврти јануари во дуелот против Лас Палмас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести