Фудбалскиот клуб Вардар денес и официјално пред пошироката спортска јавност го презентираше новиот Шеф на стручниот штаб, Горазд Михаилов. На прес-конференцијата беше презентиран планот за подготовките, но и за евентуалните засилувања на екипата за борбата за опстанок која му претстои во пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига.
– “Потекнувам од школата на Вардар. Од 1982-рата, од таа златна генерација на Вардар од која дел беше и мојот татко како Генерален секретар, а подоцна стана и шампион на Југославија. Имав можност да седам и на клупата со веќе починатите Вишњевац, Шулинчевски, Дојчиновски … сите еминентни имиња кои оставиле голем траг во историјата на Вардар. Ми претставува особена чест и задоволство што се вратив од онаму од каде што и потекнувам. Конечно ми се исполни желбата кога почнав како цицибан во Вардар и сега имам можност да го водам од клупата.“ – рече Михаилов на презентацијата.
Важен момент за Вардар во оваа зимска пауза е тоа што фудбалерите се комплетно исплатени и финансиски товар се влегува во пролетниот дел. Планот на стручниот штаб е да се ангажираат и неколку квалитетни засилувања.
– “Преговараме со нови играчи, не би сакал да шпекулирам сега. Преодниот рок започнува на 15-ти јануари. На некои играчи ќе им се заблагодариме, ќе доведеме и нови фудбалери, како домашни, така и квалитетни странски фудбалери. Со подготовки започнува од утре. Ќе тренираме 3-4 дена во Скопје, потоа одиме на седумдневни подготовки надвор од Скопје, следува ново враќање и втората фаза ќе биде реализирана во странство, се уште се преговара каде. Од раководството сум информиран дека фудбалерите се комплетно исплатени и тоа е многу важно во моментов и во борбата за опстанок.“ – додаде Горазд Михаилов.