Езџан Алиоски имаше две асистенции и сигурно е еден од најзаслужните за победата на Лидс против Свонси од 2-1, во меч од Шампионат лигата во Англија. Со оваа победа, но и поразот на Норвич од Престон (3-0), Лидс повторно се искачи на врвот на табелата.
По подолго време, Алиоски беше вратен на позицијата лев бек, а тој покажа дека и оттаму може да биде многу опасен. Првата асистенција Езџан ја имаше во 20-тата минута за погодок на Јансон и водство на Лидс од 1-0. Само 14 минути подоцна, Алиоски успешно асистираше и до Харисон за нова радост на домаќините.
До крајот на мечот, Свонси со гол од пенал во 87-мата минута само намали на 2-1. Со овие три бода, Лидс сега има 61 бод и е лидер на табелата, додека Норвич остана на 60 бодови.