Кошаркарска експлозија во Полска: Македонија го растури домаќинот на следното ЕП со 25 разлика!

Кошаркарската репрезентација на Македонија забележа убедлива победа над еден од домаќините на следното Европско првенство, Полска, со 71-96. Македонија до победата беше предводена од фантастичниот Ненад Димитријевиќ, но одлични беа и Итан Хап, Маслинко и Ѓуровски, кои завршија со двоцифрен ефект.

Домашните имаа водство само на почетокот од мечот, кога имаа предност од 14-8, но Македонија врати со серија од 0-13 и до крајот на натпреварот оваа предност не ја испуштивме. На првата мини-пауза заминавме со предност од највисоки +9 во тој момент, но и во вториот период предноста растеше. Брзо дојдовме и до двоцифрена предност и највисоки +13, но сепак на полувремето се замина со наше водство од 38-47.

Вистинска експлозија на нашите кошаркари следуваше во третата четвртина, која ја добивме со 22-12, а во еден момент имавме предност и од 69-46, пред домашните да намалат на 50-69 на крајот од третиот период. На почетокот од последната четвртина домашните со серија од 7-0 намалија на 12 поени разлика, но Македонија продолжи со одличната игра и брзо ја вративме предноста од над 20 поени разлика. Во финишот дојдовме и до највисоките +25, 71-96, што на крајот се покажа и како конечен резултат на овој натпревар.

Ненад Димитријевиќ беше вистински лидер на нашата репрезентација со 32 поени. Американското засилување, Итан Хап, мечот го заврши со 19 поени, а Стојан Ѓуроски уфрли 17. Двоцифрен заврши и Андреј Маслинко, кој постигна 10 поени.

Квалификациите за Европското првенство продолжуваат во ноември оваа година, кога Македонија двапати ќе игра против Литванија, прво дома, а потоа и на гости.

- Оглас -

Најнови вести