Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски следната седмица ќе го соопшти списокот со повикани фудбалери за контролните натпревари против Молдавија (22.03) и Црна Гора (25.03) во турска Анталија.
„Подолг период сме без репрезентативни активности, но ФИФА термините се исти за сите. Секако дека ни недостасува почесто да имаме собир со фудбалерите за да го реализираме она што е замислено и посебно за воигрување на тимот за тоа што не очекува во септември. Постојано сме во комуникација со фудбалерите. Ме радува тоа што поголемиот дел од репрезентативците имаат сериозна минутажа во своите клубови, но има и такви што немаат доволно минути во клубовите. Она што е важно, сите се здрави и без проблем со повреди“, вели Милевски.
Селекторот вели дека на списокот за во Анталија ќе има 27 или 28 играчи.
„Не случајно ги избравме Молдавија и Црна Гора, мислам дека се работи за сериозни противници, неспорно дека се квалитетни затоа што имаа одлични квалификации. Ќе ни послужат за да знаеме во кој правец се движиме и да видиме во каква форма сме. Списокот ќе биде поширок во однос на квалификациите, ќе има 27 или 28 фудбалери. Императив за овие два меча ќе биде да се извлече максимумот, а акцентот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации“, вели Милевски.